На 25.08.2021 преку Македонската берза за хартии од вредност е реализирана блок трансакцијата за продажба на акцијата, сопственост на „Макпетрол“ што компанијата ја има како удел во „ГА-МА АД Скопје“, на Владата во согласност со Одлуката на Надзорен Одбор.

Во известувањето на „Макпетрол“ се вели дека предмет на продажба е акцијата која „Макпетрол“ ја има во „ГА-МА АД Скопје“, а вредност на зделката во апсолутен износ е 2.015.382.127,00 денари.

Во известувањето се наведува дека висината на зделката е утврдена врз основа на извршена проценка на капиталот од овластен проценител, со која се утврдува пазарната вредност. Корисници на зделката се Владата и „Макпетрол“.

Се работи за реализација на одлуката донесена уште во октомври 2019 година со која беше одобрена продажба на акцијата во сопственост на „Макпетрол“ во „ГА-МА АД Скопје“ на Владата по цена од 32.773.905 евра, во денарска противвредност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.