Македонска заедница во Малта го прашува генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, од каде огромната разлика во цена меѓу билетите за владиниот хуманитарен лет и тој од малтешката Влада, со кој вчера 140 Македонци од островот се вратија во Македонија.

Летот организиран од Владата во Скопје чинеше 202 евра по патник, а тој од Владата во Ла Валета 50 евра, а вкупната разлика во цената што ја платија Македонците е 18.000 евра.

Постои ли потенцијален корупциски скандал поврзан со државниот секретар Драги Рашковски и ‘хуманитарните летови’ кои ги организираше минатиот месец?!

 

Веќе на сите ни е познато дека минатиот месец Министерството за надворешни равоти преку јавен повик ги повика своите граѓани кои се затечени во странство поради кризата со Ковид-19 да се пријават за ‘хуманитарни’ летови за враќање дома.

 

И сето ова е одлично сè до оној момент кога всушност надлежноста за организирање на овие летови од МНР преминува во Генерален секретаријат при Владата и самиот генерален секретар Рашковски. Дали Рашковски виде можност за брза заработка на маката на граѓаните кои се оставени на милост и немилост по светот (не по своја вина) без никаква поддршка?

 

Драги Рашковски упати јавен повик до авиокомпаниите кои сакаат да се пријават за организирање на овие ‘хуманитарни’ летови. На истиот повик се јавува единствено компанијата „Визер“ (која воедно е субвенционирана од македонскиот државен буџет) и го добива целосниот тендер.

 

За волја на вистината летот Малта – Македонија се организира прв од сите останати предвидени, НО и со најголем процент на заработувачка по патник.

 

За да го поткрепиме нашето тврдење со факти, ви ги приложуваме сликите кои сведочат за ОГРОМНАТА разлика помеѓу два идентични лета (на иста релација), само што во едниот случај лета НИСКО-буџетниот „Визер“ (организиран од македонската Влада), а во другиот случај лета „Ер Малта“ (организиран од малтешката Влада).

 

Од Малта во Македонија пристигнаа околу 140 патници со летот кој го организираше малтешката влада за сите оние странски граѓани кои се затечени во Малта.

 

Цената на првиот лет кој го организираше Рашковски е ФАНТАСТИЧНИ 202€ по патник, додека цената на билет по патник кој го организираше малтешката Влада е 50€ .

Во првиот лет се враќаат 124 македонски граѓани, во вториот лет 140 македонски граѓани.

Билетите со „Визер“ беа 152€ поскапи од билетите со „Ер Малта“, а вкупната разлика помеѓу првиот и вториот лет е ФАНТАСТИЧНИ 18 000 € .

 

За каков ‘ХУМАНИТАРЕН’ лет зборува Рашковски ако за еден ист лет организиран од две различни институции разликата во цена е 18 000€? На што се должи огромната разлика во цена?

 

Дали Јавно обвинителство на Република Македонија по допрен глас ќе отвори истрага за очигледната злоупотреба околу организирањето на овие летови?

 

Јавно го прашуваме Драги Рашковски дали под организацијата на ‘ХУМАНИТАРНИ’ летови виде одлична шанса за дополнителен личен приход на сметка на граѓаните.
За каква грижа кон македонските граѓани зборуваме ако за еден ист лет цената е 2 и пол пати повисока?

 

Вие ги враќате нашинците со НИСКО буџетна компанија за 202€, а Владата во Малта со нормална компанија, и тоа за речиси симболична цена од 50€ по патник.

 

Дали ова значи дека всушност малтешката Влада се грижи повеќе од вас за македонските граѓани или, едноставно, како секоја нормална европска влада не се обидува да ПРОФИТИРА на маката на граѓаните?

 

Искрено се надеваме дека ЈО ќе поведе истрага за случајот. Вас почитуван државен секретар оставаме македонските граѓани сами да проценат кој и како се грижи за нив, но и кој и дали печали на нивната мака!“, се вели во соопштението на најголемата организација на македонските иселеници во Малта со над 10.000 членови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.