Заев: Преку договорот од Преспа остваривме соработка со Грција во енергетиката со што стануваме земја којашто предничи во регионот по инвестиции во зелена енергија

Економската соработка со Грција после Преспа бележи развој кој не можеше да се замисли пред тоа, рече претседателот на Владата Зоран Заев и додаде дека трансакциските советници од „Прајс, Вотерс, Хаус и Купер“, ангажирани за подготовка на договорите и меморандумите за соработка за инвестицијата што како држава ќе ја имаме во Грција се прифатени, и овие денови се очекува Владата да ги разгледа и усвои.

Потврдени се односите и имам информација дека сугестии дадени за одредени замерки на договорите и меморандумите се прифатени. Нашата намера е да вложиме одреден процент во гасниот терминал Александрополис кој што е вреден околу 400 милиони евра, и во кој има грант од ЕУ од 170 милиони евра и во кој ние ќе партиципираме со 10%, а Грција и Бугарија партиципираат со по 25%, а останатиот дел е приватен капитал. Дополнително ќе учествуваме со 25% во гасната централа која што е веднаш до гасниот терминал и која е со капацитет од 630 до 830 мегавати, вредна преку 400 милиони евра. Колку за пример за што станува збор, еден блок на РЕК Битола е 200 мегавати, истакна премиерот Заев за Слободна ТВ.

Тој додаде дека тоа е резултат на отворањето на соработката со Грција што практично значи ново, големо вложување во обновливи извори на енергија и за замена на јагленот како енергенс.

Не застануваме тука. Имаме нови шест инвестиции во енергетиката, меѓу кои и Митилинеос со намера да гради гасна централа во земјата. Најавени се намери за инвестиции во железницата. Има нови инвестиции во земјоделието, во индустријата на канабисот за медицински потреби. Отворени се нашите шанси за унапредување на економските односи со Грција и во други области. Тоа се перспективи за нови работни места, високи плати, и секако раст на трговијата меѓу Македонија и Грција, нагласи премиерот Заев во интервјуто за Слободна ТВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.