Македонија и Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце-Хани Елези. Ова го предвидува Договорот за спроведување на Спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји што во Скопје го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот косовски колега Хекуран Мурати во рамки на заедничката седница на двете влади.

Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на чекање на граничните премини. Договорот ги утврдува извршувањето на активностите на граничното регулирање на железничкиот сообраќај, како и правилата на граничното регулирање на железничкиот сообраќај на овој граничен премин. Контролата ќе ја вршат заедно царински работници од двете земји, на една точка, односно на граничниот премин Хани Елези.

Договорот ќе придонесе за подобро поврзување и побрз проток на стоки и луѓе меѓу двете земји. Со ваквите заеднички активности придонесуваме за поголема пропусна моќ на пратките, како и подобри услови за бизнис заедницата. Трговската размена меѓу двете земји од почетокот на годината бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра – велат од Министерството за финансии.

Како што додаваат оттаму, двете земји преземаат активности за унапредување на соработката преку подобрување на инфраструктурното поврзување. Во тек е реализација на проектот за изградба на автопатот до граничниот премин Блаце, каде има иницијатива за поставување заедничка контрола, а во рамки на областа на енергиката се преземаат активности за изградба на Интерконективен гасовод.

Двете земји веќе имаат потпишано договори за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал, како и за поттикнување и заемна заштита на инвестициите.

Земјава веќе има воспоставено заедничка контрола на границата со Србија на граничниот премин Табановце за патниот сообраќај, а треба да се воспостави и во делот на железницата на Табановце, како и на патниот сообраќај кон Албанија на граничниот премин Ќафасан – информираат од Министерството за финансии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.