Во Германија сè уште не може да се патува од туристички причини, објави денеска Меѓународниот аеродром во Скопје извинувајќи се за информацијата што ја објавиле во саботата кога информираа дека македонските државјани можат да патуваат во Германија од туристички причини. Сега велат дека таа одлука, за жал не е на сила сè уште.

Таа одлука не е на сила иако ние како аеродром добивме информација од нашите партнери дека македонските државјани ќе можат да патуваат без приложување на есенцијална причина за патување, а истата информација стоеше и во нашите авијациски системи каде што се ажурираат најновите правила/рестрикции за патување поради Ковид-19 кои важат за различни земји. Во меѓувреме, добивме коригирана информација, дека во Германија сè уште не може да се патува од туристички причини и истото го споделуваме со вас. Ви се извинуваме за ненамерната грешка, објавија од аеродромот.

Додаваат и дека во моментов очекуваат детални информации од надлежните институции и надлежната Амбасада и веднаш штом ги добијат, ќе ги споделат.

Другите детали во информациjата што ја објавивме на 12-ти јуни 2021, се точни. Имено, Македонија повеќе не е на листата на ризични земји за Ковид-19 на Германија, што значи дека влезот во странската земја за македонските државјани е можен само доколку тие припаѓаат во т.н. есенцијални патници и притоа презентираат или негативен тест за Covid-19 или доказ за вакцинација. Во исто време, електронски пополнет Формулар за локација на патници (Passenger Locator Form) повеќе не е потребен предуслов за качување во авион, велат од Меѓународниот аеродром Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.