Од вкупно 31 доделена лиценца, од кои десетина се доделени во месец декември, поголем дел се распределени на фирми чии сопственици се блиски до Владата на Заев и СДСМ, обвини денеска Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потсети дека опозициската партија досега презентирала две фирми блиски и поврзани со Владата на СДСМ кои добиле лиценци за канабис.

„Се работи за фирмата на синот на познатиот Ванчо Деликатес и фирмата на сопственикот на ‘Делукс ауто’, Бобан Спасовски“, нагласи Николовска пред да ги објави новите сознанија за трет случај на, според неа, спорно добивање на лиценца.

„Фирмата Канналифе ДОО Ивањевци Могила е една од фирмите која добила лиценца, инаку фирма чиј сопственик е фирмата ‘Арекспорт Струмица’, чиј краен сопственик е Митра Лазарова, мајка на Кирил Лазаров, сопственикот на ‘НИКОБ обезбедување’. ‘НИКОБ обезбедување’ важи за фирма блиска до Владата на Заев и има добиено бројни тендери, од кои најпознат е тендерот во вредност од околу 3 милиони евра каде што ја обезбедуваат Владата и уште триесетина државни институции“, објасни претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Николовска додаде дека Владата на Заев доделува лиценци на свои блиски фирми, без размислување дали предизвикува хипер инфлација на лиценци или дали се исполнуваат критериумите за доделување. Воедно повика дека случајот треба да биде предмет на ревизија во однос на тоа дали сите компании ги исполнуваат условите или не.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.