М-НАВ АД Скопје најостро ги демантира и ги отфрла во целост како неточни информациите дека аеродромот во Скопје веќе две недели работел со дефектна сигнализација за слетување со што безбедноса на авиосообраќајот била доведена во опасност.

Би сакале да ја известиме целата јавност дека безбедноста на авиосообраќајот не е доведена во опасност во ниту еден момент, поради фактот што до сега нема ниту една пријава за дефект на светлосната сигнализација ‘’ ПАПИ ‘’ на аеродромот во Скопје од страна на пилоти, но и од страна на ТАВ во чија надлежност е набавката и одржувањето на горенаведената опрема.

Нашата ПР служба не е воопшто контактирана, ниту телефонски, ниту на официјалната е-меил адреса на која може секој да не контактира. Со објавувањето на вакви неточни и крајно тенденциозни информации се нанесува огромна штета на угледот на М-НАВ и се креира лажна слика за состојбата во авиосообраќајот.

Информацијата дека во нашето Друштво во изминатите неколкумесеци се отпуштени голем број на вработени кои биле пред пензија ја отфрламе во целост како неточна.

Во однос на финасиската состојба на нашето Друштво би сакале да ја информираме јавноста дека Управниот Одбор на М-НАВ А.Д има донесено пакет економски мерки во насока на одржување на ликвидноста.

Сите човечки и технички ресурси во М-НАВ АД Скопје работат со максимален капацитет и најпрофесионално ги извршуваат сите оперативни работни задачи, при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност во услугите за воздухопловна навигација континуирано се одржуваат на највисоко ниво – се наведува во реакцијата на М-НАВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.