Вториот период на одложена отплата на кредитите нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата, информираа од Банкарската асоцијација.

Банките  ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл. – велат од Асоцијацијата.

Како што наведуваат од Македонската банкарска асоцијација, граѓаните ќе може да добијат детални информации кај банките кои постапката и методологијата ќе ги објават на своите интернет-страници во најкус можен рок.

Од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата.

Притоа, граѓаните ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука.

Со оваа активност, граѓаните ќе бидат во можност да користат до 6 месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи кои ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка – појаснуваат од Асоцијацијата.

Доколку им се променат и подобрат условите, граѓаните ќе может да побараат од својата банка да се вратат во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените 6 месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.