Тазе најавениот ребаланс на буџетот уште еднаш покажа дека оваа Влада е целосно во рацете на бизнис лобито и дека практично, највисоките функционери во Владата се тесно врзани со приватните интереси на капиталот во оваа Влада, велат од Левица.

Освен популистички операции на префрлања од шупливо во празно, видовме дека драстично е намален износот на капиталните инвестиции. Ова, веќе по којзнае кој пат, е само доказ дека Владата нема апсолутно никаква визија, а уште помалку интерес за тоа како да создаде нова реална вредност, велат од партијата.

Според Левица, и во граѓанските економии каде добрата и услугите се привилегија на малкумина, буџетот е само еден обичен документ кој служи за одржување на гломазната паразитска администрација, која единствено претставува гласачка машинерија и ПР алатка на Власта.

Симптоматично е зошто Нина Групер токму сега прифаќа да биде министерка за финансии – на година дена пред редовните парламентарни избори и составувањето на нова влада? Таа, како профил нема пласирано ниту еден политички став во јавноста, уште помалку се има идеолошки профилирано и за која не знаеме речиси ништо – освен дека има приватен бизнис од кој акумулира капитал преку исплаќање на минимални плати за работниците. Оттука, сомнителен е и личниот интегритет на Нина Групер, како тазе министерка чија прва задача е токму буџетскиот ребаланс!? Се поставува прашањето, колку навистина министерката е запознаена со целите и намерите на ребалансот? Или пак таа е тука само како обичен административен службеник кој формално министерска ќе му биде само платата?! Секако, пропратно и да ја искористи можноста, за возврат нејзиниот бизнис да се стекне со дополнителни привилегии во државата?, прашуваат од Левица.

Во соопштението од партијата се наведува и дека откако олигархот Кочо Анѓушев беше назначен за вицепремиер, сега и дополнително за раководење со финансиите е назначена Нина Групер како уште една алка во синџирот каде се испреплетуваат приватниот капитал и државата, односно Владата.

Очигледен е конфликтот на интерес на новата министерка како бизнисменка и спроведувањето на дури и декларативни политика за прераспределба на богатството, сметаат од Левица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.