Лага е дека во Македонија ќе има пофер даночен систем, дека богатството ќе биде прераспределено кон сиромашните и дека парите ќе се вратат кај граѓаните – сметаат од Левица.

Според нив, помпезно најавуваниот план за прогресивно даночење како што милуваа да го нарекуваат социјалдемократите, а, велат од Левица, посебно нивните гласноговорници Бранимир Јовановиќ и Драган Тевдовски, во полето на економијата сè повеќе ги покажува неговите регресивни карактеристики. Овој план, додаваат од партијата, беше претставен како пофер даночен систем што треба да спроведе некаква минимална прераспределба од екстремно богатите кон сиромашните слоеви кои не располагаат со ништо друго освен со својата работна сила.

Ваквата ‘реформа’ денес можеме да видиме дека е само една обична збирштина на мерки со кои најголемиот дел од парите во буџетот ќе се собираат од граѓаните кои имаат најмалку, за потоа власта преку тендерите да ги префрли во бизнис-секторот на фирми блиски до неа. Дополнително тука се и трошоците со кои Република Македонија, како наредна членка на НАТО, ќе биде соочена, а кои владата на социјал-демократите очигледно планира да ги покрие со парите собрани од џебот на безимотните класи – токму преку најавеното ‘одложување’ на зголемувањето на данокот на капиталните добивки, за кое нема ниту една добра причина да веруваме дека нема да биде трајно – велат од Левица.

Не само што досегашните дивиденди и камати на богатите нема да бидат дополнително оданочени, додаваат од партијата, туку ваквото пролонгирање на повисокото даночење на капиталните добивки остава можност за сопствениците на капитал легално да го избегнат најавеното 18 отсто даночење на приходите над 1.500 евра.

Тие сега ќе можат да ги повлечат своите милиони во форма на нискооданочени дивиденди, наместо во форма на високооданочени плати. Трошоците на државата ќе бидат подмирени од страна на работното население кое живее скромно од чесно заработената плата и кое нема капитал, не добива дивиденди, ниту не му се исплаќаат камати како што им се исплаќаат 300 илјади евра на Нина Групер и 3,8 милиони евра на Кочо Анѓушев, кои ги поседуваат во банкарски депозити. Излишно е веќе и да се споменува данокот на добивка (различен од данокот на капитални добивки). Левица безброј пати укажуваше дека социјалдемократите во својата програма експлицитно нагласуваат дека тој данок нема да го променат, гарантирајќи дека милионските профити на олигархијата нема да бидат чепнати. Уште повеќе е излишно да се зборува дека социјалдемократската влада, со свесна или несвесна помош на дуото Јовановиќ и Тевдовски, продуцираше и пласираше лага во јавноста – лага дека во Македонија ќе има пофер даночен систем, дека богатството ќе биде прераспределено кон сиромашните и дека парите ќе се вратат кај граѓаните. Оваа најнова отстапка е само очекувана шлаканица од страна на социјалдемократската влада за сите оние кои беа прелажани од нивните слаткоречиви ветувања за просперитет и економска правда – се вели во соопштението на Левица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.