К-15 нема да има за вработените во образование, здравство, полиција и одбрана и јавните претпријатија формирани од единиците на локалната самоуправа.

Предвидени се 4 милиони евра за исплата на К-15 за државната администрација во ребалансот на буџетот, или по 150 евра за 27 илјади вработени во јавниот сектор од вкупно вработени 132.000.

Предвидена е исплата на К-15 само за членовите на Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (вработени во министерствата, општините, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, центрите за социјална работа, јавните установи…).

Во февруари 2020 година овој синдикат потпиша грански колективен договор со Владата со кој е предвидена и исплата на регрес за годишен одмор. Од УПОЗ велат дека овој колективен договор има сила на закон и дека ако не се исплати регресот, работниците може да го бараат по судски пат.

Тоа значи дека К-15 нема да има за вработените во образование, здравство, полиција и одбрана и јавните претпријатија формирани од единиците на локалната самоуправа. Вработените во овој дел од јавниот сектор имаат посебни синдикати и не се опфатени со овој колективен договор.

Токму вработените во образованието, здравството, полицијата, одбраната и комуналните претпријатија за време на пандемијата одеа на работа за разлика од вработените во управните органи кои одеа во смени или повремено и не одеа на работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.