Македонија не остана имуна на пандемијата со вирусот Корона – 19. Секој од нас ги чувствува последиците од ширењето на овој вирус, кој за жал кај одредени луѓе завршува со смртоносен исход. Последиците навлегуваат во секоја пора на општественото живеење. Здравствените последици носат и свои социјални ризици не само за поединецот, туку и за семејството кое е фундаментална општествена клетка на севкупното општество.

Најранливи граѓани се социјално загрозените семејства кои живеат со социјална помош, најчесто во нехумани услови за живот, дури и оние кои се бездомни лица и немаат покрив над главата, невработените лица, како и лицата кои се самовработени, а кои не можат да работат и да си ја заработат платата, веќе се наоѓаат на прагот на сиромаштијата и социјалната исклученост.

Кризата не ги одминува ниту инвалидните лица, кои што се движат со помош на ортопедски помагала или со придружба, лицата со тешка или умерена попреченост, слепите и глувите лица, како и хронично болните наши сограѓани. Не се поштедени ниту родителите на децата со посебни потреби, самохраните родители, старите и изнемоштените лица.

Жените кои останаа дома поради затворање на градинките и училиштата се соочуваат со сериозна закана дека ќе останат без работа. Грижата околу домот и семејните обврски остануваат како товар на жената но, за жал тоа останува неплатена работа.

ВМРО-ДПМНЕ ги отвора вратите за сите маргинализирани групи и лица во социјален ризик да ни се обратат, за да заеднички ги препознаеме проблемите и маките во кои се наоѓаме сите ние, и врз основа на тоа заедно да креираме решенија за излез од овој безизлез. Да зборуваме и размислуваме гласно за да ја вратиме социјалната сигурност и безбедност. Не смееме да заборавиме дека нашата држава е дефинирана како социјална држава во рамки Уставот на Република Македонија, а социјалната заштита е уставно загарантирано право на секој нејзин граѓанин.

Затоа Ве повикуваме сите да ги вложиме своите идеи и размисли, да ги споделиме своите, но и туѓите проблеми, да се обидеме да понудиме решенија. Приклучете се на иницијативата „Вашите проблеми, заеднички до решенија: Затоа што ја сакам Македонија”.

Сите пристигнати пораки до нас, на електронската пошта, ќе бидат разгледани од соодветни експерти низ партиските комисии, за потоа да ги предложиме до власта. Чекорите кои власта ги презема се недоволни и неадекватни. Но сега не е време за политичка битка, туку е време за битка за Македонија. Време е за работа и одлучност. Време е за зрелост.

Да си помогнеме самите себе си. Затоа што ја сакаме Македонија!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.