Вкупната потрошувачка на електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи (ЕВН Хоме) и дополнителните снабдувања кои ги врши АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба, во неделата 5 февруари 2023 година, драстично се зголеми поради наглиот и голем пад на температурата во вечерните часови споредено со претходните денови, информираат од ЕСМ.

Потрошувачката, како што појаснуваат од таму, во саботата на 4 февруари изнесувала 18.948MWh, додека во неделата се искачила на 22.331MWh.

Поради скокот на потрошувачката, која ги надмина и номинираните количини од ЕВН Хоме, од страна на АД ЕСМ пласирани се 1045 MWh системски услуги со терциерна резерва и регистриран е кусок од околу 820 MWh. Сите други денови АД ЕСМ работи во рамките на нормалните граници на снабдување. Во моментот снабдувањето е по планот, производството се одвива пред се преку два блока во РЕК Битола и два котли во ТЕЦ Неготино, како и хидроелектраните и гогенеративната гасна електрана КОГЕЛ/Енергетика, дополнуваат од ЕСМ.

Најавуваат дека согласно планот за производство во текот на утрешниот ден на мрежа ќе бидат вратени Блок 1 во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Следната недела, кога се очекува раст на температурите, ќе биде исклучен Блок 2 заради претходно најавени сервисни активности, соопштуваат надлежните.

Подвлекуваат дека АД ЕСМ целосно го исполнува планот за производство за 2023г.

Нагласуваме дека повлекувањето енергија од европската мрежа е всушност утврден балансен механизам согласно правилник кој важи во цела интерконективно поврзана Европа, е наведено во официјалната информација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.