Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска  соопшти дека го поддржува и се приклучува на „граѓанскиот протест против дискриминација на невакцинираните“ што ќе се одржи в недела во 19 часот.

Од ККС велат дека се загрижени за ситуацијата со здравствената состојба на работниците во државата, а особено, како што наведуваат, за новите мерки кои се усвоени од Владата со кои се прави дискриминација на вакцинирани и невакцинирани. Како синдикат, потенцираат, загрижени сме за сигурноста на работните места.

Истакнуваат дека домашните закони и Уставот не ги обврзуваат работниците на задолжителна вакцинација и порачуваат дека е противзаконска секаков вид на дискриминација по основ на тоа дали некој е вакциниран или не, а на истото упатуваат и меѓународните акти.

Ние како синдикат се плашиме дека со мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести, а ги усвојува Владата се прави притисок за вакцинација на работниците. Работниците веќе го чувствуваат притисокот од работодавачите за вакцинација, велат од КСС.

Од синдикатот посочуваат дека правото на вакцинација е право на личен избор, а вработените на кои им се врши притисок за вакцинација се плашат за своето работно место, па мораат да се вакцинираат.

Напоменуваме дека правото на работа е уставно загарантирано право и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а сигурноста на работните места не смее да зависи од тоа дали работникот е вакциниран или не. Затоа КСС јавно го поддржува и се приклучува на граѓанскиот протест против дискриминација на невакцинираните кој ќе се одржи во недела на 15-ти август во 19 часот, стои во соопштението од КСС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.