Конфедерацијата на слободни синдакти на Македонија (КСС) преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандман до пратениците во Собранието, со кој бара покачување на платите во јавниот сектор и финансиска помош за приватниот.

На денешната прес-конференција претседателот на КСС Благоја Ралповски, потенцира дека поради непочитување на законите голем број од работниците во период на голема инфлација, зголемени основни животни трошоци, проследени преку економска и енергетска криза останале со плати на исто рамниште, и не се во можност да ги сервисираат своите основни животни трошоци.

– Нашето барање е на сите работници во приватниот сектор со плати од 18.000 до 21.000 да им се исплати парична помош од три пати по 3.000 денари, на оние со плати од 21.000 до 24.000 да им се исплати парична помош три пати по 2.000 денари, за што е потребно да се издвојат една милијарда денари со ребаланс на буџетот, а целта е и овие работници да можат поспремни да ја дочекаат тешката зима што ја најавува власта. Кога се носеше минималната плата слушавме дека ќе се покачат платите на сите работници во државата скалесто, но очигледното скалестото како што кажавме многу пати во предлогот на Законот за минимална плата од Влада со Сорание се изгуби и работниците останаа со кратки ракави, изјави Ралповски.

Додаде дека барањето иако било испратено до сите пратеници, наишло на поддршка само од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Добивме уверување дека амандманот ќе биде поднесен комисиски и ќе биде разгледуван. Ги потсетивме повторно сите пратеници, но еве и јавно апелираме до сите нив да соберат сила и да покажат разбирање за состојбата во која се наоѓа македонскиот работник и овој амандман да биде усвоен во Собранието. Напоменуваме дека доколку кој било од пратениците е против овој амандман и гласа за негово отфрлување, КСС тие пратеници ќе ги смета како „непријатели“ на работниците, подвлече Ралповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.