Премиерот Димитар Ковачевски денеска и порача на ВМРО-ДПМНЕ контактите за набавка на евтина струја да ги достави до АД ЕСМ или до Министерството за економија.

Тоа се адресите до кои опозициската партија треба да се обрати ако навистина има такви контакти и ако сака да помогне, напомена Ковачевски, одговорајќи на пратеничко прашање. Во неговиот Кабинет, како што истакна, нема архива за прибирање понуди, ниту, пак, може да доѓаат пратеници или министри со некакви контакти.

Премиерот подвлече дека секоја помош во овие услови е добредојдена и ќе се почитува. Воедно повтори дека на 15 октомври ќе почне грејната сезона во Скопје и дека парно ќе има.

Зборувате за контакти од компании кои може да обезбедат енергенси со одредени цени. Нека се достават тие контакти за евтина струја во архивата на АД ЕСМ или до министерот за економија за да видиме какви се понудите, какви се условите за испорака, која е според меѓународните стандарди точката за преземање на енергенсите и ако понудата е најдобра, ќе биде приатена. Секоја помош во овие услови е добредојдена, никој не одбива ништо. Ако навистина постојат такви контакти, тоа се адресите: ЕСМ и Министерството за економија. Министерот Бектеши е на располагање и во текот на вчерашниот ден тој веќе имал контакти. Кај мене во Кабинет нема архива за понуди од компании. Во ЕСМ има отворена постапка и за јаглен и за мазут и за гас. Секој што има понуда за овие енргенси, веднаш може да ја достави таму доколку одговара на условите. Не може кај мене да доаѓаат контактите, да доаѓа некој пратеник или министер. Има отворени повици, јавно објавени и секогаш победува најдобрата понуда – потенцира премиерот.

Осврнувајќи се на мерките кои се преземаат за полесно справување со енергетската криза, Ковачевски уште еднаш повтори дека се во тек преговорите со Србија и Турција за обезбедување енергенси.

Премиерот ги спомна и синоќа донесените одлуки на Економско-енергетскиот совет според кои сите училишта во земјава се ставаат на регулираниот пазар, а болниците ќе добиваат поевтина струја преку ЕВН продажба.

За да нема физички прекин на наставата, донесовме одлука на регулираниот пазар да бидат и основните и средните училишта. Ако општините направеа реорганизација на своите трошоци и ребаланси на Буџетите и ако се водеа од тоа дека постои енергетска криза, не ќе имаше потреба да бидат ставени на регулираниот пазар. Кога ги правеа буџетите тие воопшто не земаа предвид дека се наоѓаме во енергетска криза. Тоа го кажав, но бев критикуван, за на крајот Данела Арсовска да рече дека не може да испорача ништо зашто сме биле во енергетска криза. Сега сите сфатија дека се во енергетска криза ама никој не седна да направи ребаланс – рече Ковачевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.