АД ЕСМ испорачува исклучиво електрична енергија произведена од домашни капацитети. Не се увезува струја, вели првиот човек на компанијата Васко Ковачевски.

Во видео изјава, Ковачевски нагласува дека производството на електрична енергија во АД ЕСМ е стабилно и дека се испорачуваат дневните, неделните и месечните количини кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум и секаде каде имаат обезбедено пласман на електрична енергија.

Кон ЕВН Хоум за потребите на граѓаните и малите потрошувачи се испорачува електрична енергија произведена во електраните на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО, не се увезува струја и нема недостиг. Дополнително, Владата го задолжи ЕСМ да обезбеди електрична енергија и за планираниот процент загуби во мрежа на ЕВН и МЕПСО, со цел да се обезбеди и таа енергија по домашни цени. Сето тоа се прави со поддршка од Владата и со финансиски план, со цел успешно да излеземе од енергетската криза, вели Ковачевски во видео изјава.

Според него, ситуацијата се менаџира успешно и активирани се сите капацитети за максимално производство на електрична енергија. Блок 1 и Блок 2 во РЕК Битола, како што посочи, се во полна кондиција, а Блок 3 се уште не е во функција поради изгорениот трансформатор кој ќе треба да се подготви за да биде ставен во функција во втората половина од годината. РЕК „Осломеј“ работи парцијално и го надополнува периодот кога има зголемен конзум за побарувачка на електрична енергија, а ТЕЦ Неготино работи со половина капацитет и се прават напори од март до мај-јуни да се стави во функција со двата котли.

Засега менаџираме успешно, средствата кои се наменети досега за справување со кризата се значајни, но се многу помали од тоа што е потрошено во земјите од регионот. Активно сме вклучени со сите капацитети за максимално производство на електрична енергија, и за менаџирање и на кризата со електрична енергија и на кризата со снабдување со топлинска енергија, истакнува Ковачевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.