Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на вонредна прес-конференција обелодени дека граѓаните на град Скопје ќе имаат парно греење од 15-ти октомври.

Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија – истакна Ковачевски.

Според него, во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини – нагласи премиерот.

На вонредната прес-конференција во Владата вечерва, покрај Ковачевски, присутни се вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.