Планираните активности во делот на инвестициите и развојот на компанијата „Лидл“ во Македонија беа во фокусот на средбата на премиерот и вицепремиерот за економски прашања, Димитар Ковачевски и Фатмир Битиќи, со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир.

На средбата, како што информираа од владината прес-служба, премиерот Ковачевски изразил задоволство што „Лидл“ интензивно работи на подготовките за отпочнување ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица, а оваа бројка дополнително ќе расте, посочувајќи дека нашата земја има поволни услови за инвестиции. Ова, како што рекол Ковачевски, е пример што треба да го следат и други странски компании.

Вицепремиерот Битиќи изразил задоволство од напредокот на инвестицијата и ја истакнал нејзината важност за развојот на локалните добавувачи, кои се надеваат дека ќе имаат доверлив партнер со „Лидл“.

„Томаш Кузма, член на Одборот на компанијата одговорен за Западен Балкан, ‘Лидл интернешнл’, објасни дека како странски инвеститор ‘Лидл’ високо ја цени соработката и поддршката што компанијата ја добива од Владата на Македонија. Рубријан Хаџиев, главен извршен директор на Лидл Македонија, истакна дека премиерот Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи му обезбедиле на ‘Лидл’ работни групи во неколку министерства и единствена точка за контакт за да ја олеснат подготовката за можен влез на македонскиот пазар. Тие сметаат дека оваа соработка ќе продолжи и во сите други фази од проектот“, соопшти Владата.

Ковачевски и Битиќи на средба со претставници на „Лидл“, Фото: Влада

„Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 квадратни метри и се наоѓа во Општина Куманово. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања. Во оваа фаза на подготовка, „Лидл“ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители. Компанијата организираше извоз на македонски земјоделски производи во мрежата „Лидл“ во соседните земји. И ова е само еден пример од целокупното партнерство на „Лидл“ со добавувачите и производителите кое е насочено кон докажување на секојдневната поддршка и соработка како доверлив партнер во бизнисот.

Германскиот трговски синџир „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија во февруари 2021 година, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Регистрираната подружница „Лидл Македонија“ ДООЕЛ е со седиште во скопски Центар и со паричен влог од 500 000 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.