Како компанија, ние веќе ја почнавме енергетската трансформација-конкретно во РЕК Осломеј. Како што може да се види, во тек е изградбата на нашата сопствена 10-мегаватна фотонапонска електраната и уште една таква е во процедура за добивање документација. Го потпишавме и големиот проект од 100MW, со нашите почитувани партнери од пријателска Турција и од пријателска Бугарија, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски при заедничката посета со Зоран Заев на локацијата и изградбата на фотонапонската електрана Осломеј 10MW.

За нас како АД ЕСМ ова претставува голем чекор во процесот на енергетската трансформација.
ФЕ Осломеј 10MW е почеток и добар пример на енергетска транзиција, каде производните капацитети на фосилни горива, се заменуваат со енергетски капацитет што произведува електрична енергија од обновливи извори. Термоелектраната „Осломеј“ не беше во редовна работа со години и сега во делот каде што е завршена експлоатацијата на јагленот се почна со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, туку и во интерес на сите граѓани што живеат во Кичево и околината.
Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј за кусо време ќе бидат функционална 10 мегаватна фотоволтаична електрана и тој тренд на оваа локација ќе се шири – истакна Ковачевски.

Проектот е значен не само од аспект на енергетските вредности, туку и од еколошки и социјален аспект.
Веќе преземаме активности за селектирање на потребните кадри од РЕК Осломеј и нивна преквалификација за работа во фотонапонската електрана, како и за потребите на поголемата фотонапонска електрана од 100Mw која ќе се гради како јавно приватно партнество. Така што, посветени сме и на зголемување на процентот на зелената енергија во нашиот енергетски биланс, но и на социјалната компонента при енергетската транзиција.

Продолжуваме со проектите за изградба на сончеви електрани во РЕК Битола, кои ќе заменат еден блок од термоелектраната и гасна електрана во комбинатот која ќе замени уште еден блок од РЕК Битола.
Фотонапонски електрани ќе градиме и во Маврово, Тиквеш, Штип, Свети Николе за што имаме поддршка од Владата.
Исто така ги спроведуваме инвестициите во ветерните електрани, зголемување на капацитетот на ветерниот парк Богданци и проектот за нов ветерен парк во Миравци.
Вложуваме во хидропотенцијалот, ги обновуваме хидроелекраните, а како највисок приоритет ни останува реализацијата на капиталниот проект Чебрен, хидроелектраната која ќе донесе стабилност и сигурност на нашиот електро-енергетски систем”, истакна Ковачевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.