Коронавирусот ја зафати и македонската економија, а еден од излезите e државата да позајми пари од меѓународните кредитни институции во време кога нема доволно време да издаде еврообврзница. Седмата по ред еврообврзница од 500 милиони евра планирано беше да биде издадена во втората половина од 2020 година. Сепак, кога економијата има потреба од брз извор на пари, планираната еврообврзница не може да биде ефикасна „вакцина“ против економските последици од коронавирусот, пишува Дојче Веле.

За да се издаде еврообврзница, која всушност е обврзница деноминирана во странска валута на меѓународен пазар, потребни се повеќе од два месеци. Поради ова Владата гледа побрзо решение во досега неискористен инструмент-  заем до еврообврзница. Тој се зема кога државата е во процес на издавање еврообврзница, но поради низа причини не може да се спроведе до времето кога се потребни парите.

Министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека станува збор за краткорочен заем во вредност од 400 милиони евра со рок на исплата од 12 месеци. Според најавата, државата ќе земе кредит од странски банки кој ќе биде целосно исплатен кога ќе биде издадена и седмата еврообврзница во висина од 500 милиони евра. Речиси истовремено кога се планира да биде земена новата еврообврзница доспева и еврообврзницата од 2015 година во вредност од 270 милиони евра (доспева на 1 декември 2020 година). Сето ова укажува дека на државата и е потребно поголемо позајмување од досега планираното.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ објаснува дека државата секако требаше да се задолжи оваа година на странските пазари.

Во Буџетот за 2020 е предвидено надворешно задолжување од околу 500 милини евра. Да беше сѐ нормално, тоа веројатно ќе се реализираше во третиот квартал од годината, по конституирањето на новото Собрание и Влада. Сега, поради кризата со коронавирусот тоа веројатно ќе треба да се направи порано – вели Јовановиќ.

Според него, нема ништо страшно во задолжувањето со цел да се надмине кризата предизвикана од коронавирусот.

ММФ кажа дека ќе стави на располагање дури 1.000 милијарди долари за надминување на кризава. Иран, кој нема земено долг од ММФ уште од 1960 година, сега побара 5 милијарди долари – вели тој.

Од осамостојувањето на земјата се издадени шест еврообврзници од преку 2 милијарди евра. Сите се со различна камата и различен период на отплата, а вкупната камата што треба да ја плати државата за нив е 634 милиони евра

Повеќе може да прочитате тука

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.