Компаниите нема да задоцнат со апликациите за финансиска поддршка за плати за февруари ако законското решение влезе во собраниска процедура и биде изгласано наредните десет дена, рече денеска вицепремиерот, Фатмир Битиќи.

Друг модалитет нема, нагласи Битиќи, освен Собранието најпрво да го донесе законот, за потоа тој и да се спроведе.

Одговорајќи на новинарски прашања на работната средба во Стопанската комора на Македонија, Битиќи објасни дека законското решение за поддршка на платите било испратено пред 15 дена до Собранието, поради што и се сметало дека има доволно време да биде донесено.

Кога го креиравме законското решение за финансиска исплата на плати, поучени од претходните искуства, негативни, за жал, направивме за финансиската поддршка за февруари компаниите да можат да аплицират во целиот период од март. Тоа значи дека нема да има законски – мора да аплицирате до 10 март за да добиете финансиска поддршка. И затоа чекаме. Дури денеска ако законот влезе во собраниска процедура, на комисија, а во наредните 10 дена да се изгласа, компаниите ќе бидат навреме со нивните аплиакции, со тоа што ќе може да падне одреден товар врз нив да мора да ги платат платите во овој временски период па ние да им вратиме одредни средства, но тоа е начинот кој сметавме дека е најрелевантен за да го покриеме и февруари. Ако тоа не се случи, навистина ќе жалам, но мислам дека доблеста кај пратениците ќе биде малку поголема од нивните дневно-политички агенди – рече вицепремиерот.

За жал, дополни Битиќи, тоа е цената на демократијата.

Ние сме извршна власт, а Собранието ќе треба да ги донесе законите за да се спроведат. Нема друг модалитет. Сметавме дека првиот ден кога се донесоа мерките беше сосема доволно време, 15 дена до почетокот на месецот. На 15 февруари беше испратен законот во Собранието, пред 15-на дена. За жал, извршната власт може до одреден сегмент да направи притисок, но Собранието е независно, пратениците и пратеничките групи одлучуваат кога ќе направат кворум за да го прави Собранието тоа што треба да го прави. Не би кажал дали има друг модалитет – повтори вицепремиерот.

Тој потсети дека и други законски решенија кои претходно, во ноември и декември 2020 беа доставени во собраниска процедура, не биле ставени ниту на комисија, ниту на пленарна седница.

Апел да не ги кочат законите испрати и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Мерките кои беа преточени во законски решенија, за акцизите, за екстра лесното гориво, за случајот со ГА-МА, чекаат на одблокирање во Собранието. Уште еднаш апелирам да се направат напори и тоа да се надмине, рече Азески.

Тој од вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими побара да пренесат до Владата и до Собранието дека приватниот сектор инсистира на брзо, ефикасно разрешување на прашањата ако се сака постигнување некаков натамошен развој.

На прашањето во каква состојба е бизнис секторот, Азески одговори дека е подобро од она што се очекувало.

Подобро поминаме од што се надевавме. Мислам дека тоа е плод на сериозна активност на приватниот и на јавниот сектор кои од почетокот на кризата делуваа заеднички. Направивме пропусти, но хибернацијата што беше потребна за преживување мислам дека ја направивме. Дали нашите предвидувања ќе се остварат, е прашање кое е поставено на светско ниво. Мислам дека кризата ќе потрае повеќе од нашите предвидувања и дека ќе се прилагодуваме на неа – истакна Азески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.