Колку инвестиции донеле министрите за привлекување на странски инвестиции и советниците, кои државаат годишно ја чинат околу 240 илјади евра, анализира Пресинг ТВ . Оттаму побарана е информација од Владата, но од таму одговор за тоа кој и колку компании успеал да убеди да инвестираат не добиле.

Љубе Бошковски повеќе од една година е назначен за посебен советник на премиерот Зоран Заев за привлекување странски инвестиции. По неговото назначување, Бошковски истакна дека иако странските инвестиции не се негова област, тој имал многу контакти со странски компании и времето ќе покаже дали и колку добро ќе ја заврши доверената задача.

Иако Владата во изминатиот период се пофали со рекордно ниво на странски инвестиции, ниту една од нив не се поврза, ниту со советникот Бошковски, ниту со министрите кои се вработени во Владата, а задолжени за привлекување странски инвестиции.

Еден од нив е министерот Елвин Хасан, кој дојде на местото на Аднан Ќахил. На официјалната страна на Владата стои дека во неговиот кабинет се вработени седум лица, од шеф на кабинет, советници, референти … Според интернет страната освен посети во домашни компании и градови и по некоја посета во Турција, министерот Хасан нема успех во привлекувањето странски инвестиции.

Ретко кој го знае и вториот министер во Владата задолжен за странски инвестиции Бадул Даути. На официјалната страна на Владата стои само неговата биографија и не е познато дали има дополнителен број на вработени во неговиот кабинет. Од неговото поставување за министер до сега на интернет може да се прочита дека Даути, реализирал посета во Албанија, имал работен појадок со словенечки компании во земјава и средба на компании од Тирана, но дека како министер донел некоја реномирана светска компанија нема информација, ниту оджана прес конференција.

Во изминатиот период Владата се пофали со рекордно ниво на странски инвестиции, одосно дека лани странците инвестирале 624 милиони евра, сума за 82% поголема од најдобрата 2011-та година.

Во врска со објавените бројки и податоци за странските инвестиции во нашата земја, од ССК велат дека бројките практично се реинвестиции на компании кои се веќе во државата.

Генерално од бројките кои беа презентирани, тие практично се реинвестиции на компаниите кои веќе во државата се регистрирани како странски инвеститори, дел во зоните, дел надвор од нив. Ние соработуваме со сите од нив, меѓутоа од аспект на тоа во истиот момент кога ќе ги регистрираат компаниите тука, во нив гледаме како дел од македонското стопанство и во нив гледаме како еден партнер за домашните компании за да соработуваат. Тие на еден начин прават нашите компании да имаат одредена додадена вредност во тоа што го работат, затоа што има одреден трансфер на знаење, технологии и слично. Странските компании кои доаѓаат вообичаено работат со повисоки технолошки процеси, за разлика од нашите компани кои допрва ги развиваат истите процеси. Така што нивниот влез во државата има додадена вредност со тоа што го работат – велат од ССК.
Од друга страна најновите податоци на Народната банка покажуваат дека во првиот квартал од годинава односно за првите три месеци од 2019 година странците вложиле 29.68 милиони евра . Ова е драстичен пад на директни странски инвестиции споредено со истиот период претходните години.

Колку за споредба минатата година во истиот квартал во државава се слеале 235.15 милиони евра странски директни инвестиции.

Економските анализи покажуваат дека зголемениот извоз и ново креирани работни места од ТИРЗ зоните се ефекти од странските компании кои пред скоро три години започнале со производство или тогаш ги привршувале градежните активности.

Девет министри во економските ресори и 13 надворешни советници во кабинетот на премиерот, годишно ја чинат државата околу 240 илјади евра.

На листата советници има 13 кои се поврзани со економски прашања. Двајца од нив работат без пари – Аљаф Бакхтаријар, задолжен за економски прашања за соработка со Блискиот Исток и Зијад Беќировиќ, задолжен за економски прашања за соработка со земјите од Југоисточна Европа.

-Фатмир Бесими – советник на премиерот за економски прашања и координација со економските ресори добива – 50 000 денари месечно.

-Зоран Башановиќ – советник за економски прашања за соработка со земјите од регионот – 1 500 евра

-Љубомир Шубара – советник за финансии, банкарство и инвестиции и за тоа добива 1.200 евра.

– Александар Обрадовиќ – советник за економски прашања за соработка со земјите од регионот – 1200

-Александра Љочева – координатор и стручен соработник на советот за економски раст и одржлив развој – 35 000 денари

-Ванчо Узунов – надворешен соработник за економски прашања добива 53.500 денари.

-Дејан Николовски за инвестиции меѓу општините и владата – 40 000 денари.

-Силвио Аврамовски – советник за економска соработка со земјите од Кавказот и Блискиот Исток добива – 40 000 денари.

-Владо Димовски – советник за економски прашања добива 1000 евра.

-Александар Ружин – советник за економска, социјална и културна соработка со земјите од Бенелукс и Франција – 50 000 денари.

-Еида Реза – советник за тековни анализи на моменталната состојба во областа на економијата- 30 000денари

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.