77-годишниот Богдан Дамјановски кој живее во скопската населба Кисела вода е новиот сопственик на „1ТВ“ кој фигурира во Управата за јавни приходи објави ИРЛ.

Во пребарувањата на интернет името на Богдан Дамјановски се поврзува со сега веќе поранешната фабрика за автобуси ФАС „11 Октомври“.

Според пишувањата на медиумите Дамјановски во 2003 година понудил 12 милиони евра за купување на фабриката.

Скопјанецот Богдан Дамјановски, застапник на надворешен капитал од Канада и Белорусија, понуди околу 12 милиони евра – најмногу пари за купување на имотот на скопската фабрика за автобуси “11 Октомври” , беше констатирано на вчерашното отворање на деветте финансиски понуди за продажба на фабриката. Дамјановски за првиот пакет од имотот на фабриката понуди 9,69 милиони евра. За вториот даде 1,106 милиони, додека за третиот дел понуди 1,193 милиони евра. Тој изјави дека планира да ја задржи основната дејност на фабриката – производството на автобуси, и да врати дел од поранешните вработени на работа. Но, оцената за најдобра понуда Одборот на доверителите ќе ја донесе за пет дена. Претседателот на Синдикатот на ФАС “11 Октомври”, Новко Трајанов, побара идниот купувач да врати што поголем број од поранешните работници. Ова е трет тендер за продажба на ФАС “11 Октомври”, кој беше ликвидиран минатата година, со долгови од 17 милиони евра. Фабриката се продава без почетна цена, без обврска за враќање на 1.200 поранешни работници на работа и без обврска за нови инвестиции во фабриката, пишува весникот „Дневник“ во 2003 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.