Потегот на Борис Ангеловски, претседател на Одборот на директори на РЖ Интер-Трансшпед ќе остане запишан во македонската корпоративна историја пренесува „Фактор“.

Во својство на претседател на бордот им предлага на акционерите на претстојното собрание на таа транспортна компанија да му го изгласаат предлогот со кој неговиот месечен паушал ќе изнесува, ни помалку ни повеќе, 83.333 денари во бруто износ. Тоа би било 75.000 денари нето месечен паушал доколку овој трошок се оданочува според стапката од 10 отсто персонален данок на доход.

Интересно е тоа што Ангеловски кој е претседател на директорскиот борд сам себеси се предлага за месечен паушал и тоа како предлог – одлука на следното акционерско собрание кое треба да се одржи на 17 февруари годинава.

РЖ „Интер – ТРаншпед“ е компанија произлезена од поранешниот гигант „Рудници и железарница Скопје“. Основна дејност на ова друштво е транспортот, а се занимава со шпедиција, утовар и истовар на стока и други логистички услуги.

Акцијата на компанијата котира на Официјалниот пазар на берзата на сегментот котација, но со неа не се тргувало подолго од една година наназад. Последната пазарна цена за таа акција изнесувала 20 денари, а во последните три години наназад (2019-2021 година) ова друштво не делело дивиденда на своите акционери. Од официјалните податоци на берзата е видливо дека за овие години друштвото работело со загуба.

Податоците за првите девет месеци лани покажуваат дека компанијата има добивка од околу 40.000 евра на приходи од 437.000 евра.

Ова друштво има тројца мнозински акционери кои се домашни физички лица. Двајца од нив поседуваат по 19 отсто од акциите. Тоа се познатиот бизнисмен Минчо Јорданов и Никола Ангелевски. Нивниот партнер Симеон Василев поседува 13,5 отсто од акциите. Друштвото во сопствен откуп има уште 10 отсто од акциите. Другите 36 отсто од акциите се во споственост на над 4.900 домашни акционери – физички лица.

Извор: „Фактор



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.