Секогаш кога СДСМ управува со државата пропаѓаат банки и имаме изневерени штедачи. Секогаш кога СДСМ раководи со буџетот имаме скандали и корупција поврзана со финансиското работење, порача на прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.

Кочоска потсети дека државава во својата триесет годишна историја зад себе има неколку големи банки кои пропаднаа и сите за време на владите на СДСМ или гувернери на НБРМ поставени од СДСМ, како што е пропаста на Алмако банка, ТАТ, Експорт Импорт банка, Македонска банка, Радо Банка, Југо банка, штедилниците ТАТ, Алфа С, Лавци. А во оваа неславна статистика од пред два дена се впишува и Еуростандард банка.

Со овој најнов случај се продолжува праксата на измамени штедачи, пропаднати бизниси и удари врз финансиските текови, рече Кочоска

Таа потсети на можноста која ја дава Законот за банки и членот 135, односно банките со проблематични пласмани да бидат директно контролирани од НБРМ со цел да ја пребродат кризата, потсетувајќи на тоа дека сопственикот на „Еуростандарт банка“ кажа дека било побарано од НБРМ воведување администрација.

Таквиот план според изјава на сопствеништвото на банката бил одбиен од НБРМ, со што уште повеќе се зголемуваат сомнежите дека зад пропаѓањето на банката има скриени бизнис мотиви и на тоа се работело подолг период. Со ова се забрзало пропаѓањето на банката, рече Кочоска.

Таа додаде, се поставува прашањето на Комитетот за финансиска стабилност за Еуростандард банка, Комитет во кој заедно учествуваат гувернерката на НБРМ и министерката за финансии.

Значи бил попречен предлогот за продажба на банката и за воведување на администрација.

Пропаѓањето на Еуростандард банка, вториот ТАТ е поради скриени бизнис интереси на одредени структури. Одговорот на оваа дилема седи и во тоа кој предвреме ги извадил и повлекол парите од банката и кои компании блиски до власта најчесто соработувале со оваа банка, рече Кочоска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.