Досегашниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска ја напушта владата. Неговото место треба да го заземе досегашната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Кочо Анѓушев е еден од најзаслужните за уништувањето на земјава и нејзината економија, кој претставувајќи се како владин човек од бизнис секторот, успеа да ја доуништи и онака кревката економија и да работи единствено за интересите на неговите фирми и бизниси.

Најголемите достигнувања за Анѓушев и неговите фирми и нанесоа најголем  удар на македонската економија. Причини има повеќе:

Кочо Анѓушев е вицепремиерот од Владата на СДСМ кој сам на себе си додели грант од 160.000 евра преку фондот за иновации на својата фирма „Каст Инвест“ и притоа лажеше дека воопшто и не знаел за грантот, туку неговиот менаџмент на фирмата аплицирал без тој да знае. Кочо Анѓушев е вицепремиерот на СДСМ кој откако дојде на функција сам на себе си овозможи царински поволности за литиум јонските батерии кои ги вградува во производите во неговите фирми, кои притоа се единствени фирми во Република Македонија кои ги користат токму тие батерии. Тој сега има поволности за набавка однос за увоз на истите.

Анѓушев ја искористил и својата позиција за да изгради две мали хидроцентрали. Имено Кочо Анѓушев е вицепримерот во Владата на СДСМ кој својата позиција ја искористи за да ги изгради полесно малите хидроцентрали МХЕ Тополки и МХЕ Падалишка Река, односно ја искористи својата позиција за преку својот колега министерот Садула Дураку да си го продолжи рокот за изградба на истите хидроцентрали наместо да му ги прекинат договорите, како што стоело во еден од членовите на договорите, а претходно исто така си донесе одлука за пренамена од земјоделско во градежно земјиште за истите хидроцентрали со што ја зголеми вредноста на истото земјиште.

Кочо Анѓушев е вицепремиерот кој ја искористи својата позиција во Владата за да успее на сомнителен начин за кој пишуваа и странските медиуми да ја продаде својата фирма ЕДС на грчкото електростопанство, фирма која што работеше во загуба последната година и ја продаде токму во периодот кога се продаваа и националните интереси на државата за неколку милиони.

Кочо Анѓушев е вицепремиерот бизнисмен чии бизниси цветаат откако е на власт, односно општините под раководство на СДСМ, Кочо Анѓушев и неговите фирми ги снабдуваат со камионите за чистење познати како метларки кои ги произведуваат токму неговите фирми.

Фирмите на Анѓушев ги земаа тендерите во психијатриската болница во Негорци, во Клиниката за кардиологија, во тетовската клиничка болница, во Основниот суд во Велес, во Агенција за патишта за набавка на мрежа и многу други тендери кои се сомнителни и матни кои допрва треба да се истражуваат и санкционираат.

Инаку Анѓушев своето повлекување од функцијата го најави уште минатата година по закажување на предвремените парламентарни избори. Тој тогаш објасни дека неговата оставка ќе биде реализирана, без оглед на исходот од најавените предвремени избори.

Досегашниот вицепремиер за економски прашања пред неколу месеци откри дека одлуката за оставка ја донел поради тоа што профитот во неговите компании рапидно опаднал откако тој станал вицепремиер. Анѓушев тогаш истакна дека сака да се посвети на своите бизниси.

Како што изјави Анѓушев, една од причините за неговото заминување е и тоа што неговите „најчесни намери да и помогне на државата не биле секогаш најдобро прифатени од граѓаните“.

Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато, да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа е и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката – најави во таа прилика Анѓушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.