Блискоста на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и довчерашниот директор на МЕПСО Сашо Василевски, освен со стан за речиси беспари, била круисана и со решавање на егзистенцијалното прашање на неговата ќерка, Марија Василевска.

Дека Марија Василевска дипломиран правник, почнала да работи во СЈО во декември 2017 година, за „Република“ потврдуваат и извори од СЈО, а според нашите сознанија таа зема и солидна плата од 49.000 денари.

Да потсетиме, Сашо Василевски купил стан од фирма на осомничен во истрагата на СЈО „Поштенска банка“, имот кој СЈО не го побарало од судот да го замрзне. Станот има 190 квадрати и гаража од 5 метри квадратни, а го купил за багателни 80.000 денари.

Сашо Василевски е познат како човек кој што бил на високи позиции и за време на претходната владејачка гарнитура најпрвин како кадар на НСДП од Тито Петковски. За време на првата Влада на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година бил заменик-министер за правда, а потоа и долги години член на Комисијата за полагање на правосуден испит. Добил два мандата како член на Советот на јавни обвинители, а во август 2017 година е именуван за генерален директор на МЕПСО.

Јавноста го поврзува Василевски со Јанева и Заев од времето кога како член на Советот на јавни обвинители имал блиска соработка со Заев и Јанева во врска со прислушкуваните материјали и преземањето на битни предмети во надлежност на СЈО. Неофицијално, тогаш се створила блискоста меѓу Василевски и Јанева, која потоа била клучниот линк за Василевски да добива високи позиции од Заев, но и добри можности за вработување на неговите најблиски роднини.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.