Владата го усвои и до Собранието го достави Предлог законот за претворање на побарувањето на државата по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена „11 Октомври – Еурокомпозит АД“ Прилеп, со што се исполнуваат барањата на поранешните и сегашните вработени на ова претпријатие во државна сопственост, информира денеска владината прес-служба.

Од Владата потенцираат дека практично ќе бидат надоместени заостанатите долгови по однос на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на вработените, со што, како што велат, се исправа повеќегодишната неправда кон вработените и ќе им биде евидентиран остварениот работен стаж во компанијата за да можат соодветно сите сегашни и поранешни вработени да го остварат правото на пензија согласно минатиот труд.

Со овој закон се уредува начинот и постапката за претворање на побарувањата на Република  Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена „11 Октомври – Еурокомпозит АД“ Прилеп“ – се додава во соопштението.

Законот е доставен до Собранието на Република Македонија и во согласност со агендата на Собранието, од Владата очекуваат да биде усвоен во што е можно покус временски рок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.