Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува до крајот на годинава да имаат предлог за новиот закон за градење и верува оти ќе се донесе најдоброто решение за сите страни.

Бочварски во обраќањето на стручната расправа за новиот предлог-закон за градење, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, истакна дека со предлогот на законот за градење ќе се овозможи и стимулира просторниот и економски развој, ќе се стимулира инвестирањето во градењето, ќе се зајакне улогата на стручната јавност и правата на странките, но и ќе се овозможи разрешување на голем број наталожени проблеми кои постојано се јавуваат во оваа област.

Со оглед на тоа дека постојниот закон е менуван преку 30-на пати и е многу често кочница за развојот на општините и на државата, се определивме да креираме целосно нов закон за градење кој ќе има за цел да ги забрза процедурите и да го стимулира просторниот и економскиот развој на државата, рече Бочварски.

Образложи дека со новиот предлог закон се обезбедува поголема општа и оперативна ефикасност на системот за уредување и контрола на просторниот развој и градењето. Се дефинира статусот, посветеноста, поставеноста на правата и обврските на учесниците во градбата, а за првпат се уредени и сите видови акти за градење што ги регулираат сите видови градби.

Со него, како што рече, се регулира целосно процесот на градење патишта, водоводи, железници, ветерници, градски улици, канализација и се она што се гради во државава.

Без овој закон нема развој и нема одење напред, нема движење напред на државата, посочи Бочварски, додавајќи дека со ова законско решение ќе се зајакне и надзорот над градењето со тоа што општинските инспектори стануваат дел од државниот инспекторат за урбанизам и градежништво преку оформување на регионални подрачни единици.

Тој дополни дека ќе се скратат постапките за издавање на актите за градење со воведување на обединета постапка за сите видови на акти за градење. Понатаму, посочи министерот, ја зголемуваме транспарентноста, инклузивноста, партиципативноста и стручноста во процесот и на носењето на законот и потоа во делот на примената на овој закон.

Министерството за транспорт и врски ја продолжува праксата на носење реформски закони со вклучување на стручната фела, на сите институции, бизнис коморите, асоцијациите и сите заинтересирани страни во оваа дејност. Во една траснпарентна постапка, можеби малку побавна, но транспарентна со вклученост на сите заинтересирани страни беше донесен и законот за урбанистичко планирање, но така на истиот начин се носи и овој закон за градење, рече Бочварски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.