Во финална фаза е проектот за нов експресниот пат  од Струмица-преку Валандово до автопатот на Коридор 10  кај Смоквица. Се очекува проектирањето да биде завршено на почетокот на следниот месец со што ќе се знае конечната цена на чинење и ќе се влезе во фаза  за обезбедување финансии за наскоро да се почне со реализација, информира министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на Валандово.

Се работи целосно нова траса што се проектира во четири фази. Според Бочварски, експресниот пат е приоритет за регионот, со оглед на, како што рече, лошата состојба на инфраструктурата во тој дел од државата.

Тоа ќе го надминеме со изградбата на овој експресен пат, а имаме и други проекти кои се значајни. Важно е да ги добиваме клучните барања од градоначалниците за подобрување на состојбите, истакна Бочварски.

Тој соопшти дека е завршена првата тендерска постапка за проектот од Светска банка во вредност од 70 милиони евра. Со него треба да се подобри инфраструктурата во општините. Интензивни активности се очекуваат напролет.

Проектот  од СБ кој го имаме во Министерството за транспорт и врски веќе влегува во реализација, првата тендерска постапка е завршена и напролет  ќе имаме силни градежни активности во општините. Преку овој проект во вредност од 70 милиони евра директно вбризгуваме средства кон општините и за потребите на граѓаните. Им помагаме на општините и за нивните приоритети и убеден сум дека така и ќе продолжиме, изјави Бочварски при посетата на населеното место Чалакли, каде ќе се гради улица преку проектот од Светската банка.

Од пакетот проекти преку Светската Банка, Општина Валандово има три, а работи и на четвртиот. Во тек е тендерска постапка за изградба на улица во Чалакли, кое, како што потенцира градоначалникот Перо Костадинов, е домаќин на меѓународниот фестивал „Пролетни веселби“, кој е дел од културното нематеријално наследство заштитено од УНЕСКО.

Според Костадинов, со реализација на овие проекти се испраќа порака  дека треба да се овозможи безбедна и модерна инфраструктура на сите граѓани.

Почнувајќи со изградба на капитални проекти веќе неколку години наназад покажуваме дека сите заедно треба да се грижиме за сите населени места, меѓу кои и за тие во кои живее население од турска националност. Со години наназад овие населени места не само во Валандово, туку низ целата држава беа заборавени и затоа со ова испраќаме порака дека во 21.ви век  никој не смее да биде заборавен и оти сите заедно треба да овозможиме инфраструктурата за секој граѓанин да биде безбедна и модерна, рече градоначалникот Костадинов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.