Срамота е во Македонија никој да не ги заштитува работничките права на текстилните работнички, рече вечерва во Пробиштип кандидатката за претседателка на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова. Таа вети дека катадневно ќе потсетува дека е присутна, но не за да се фали со уште една функција, туку за да решава македонски проблеми.

Денеска имав ретка прилика да ги посетам текстилните работнички во Штип. Тажна приказна како во почетокот на 19 век кога во Англија овците ги јаделе луѓето во текстилната индустрија. Не се знае работно време, нема никаков одмор, ни дневен, ни неделен, ни месечен. Им предложив, ако станам претседателка, ќе органзираме штрајк, јас ќе застанам во првите редови и во обраќањето до парламентот ќе ги набројам проблемите, пти срамота е во Македонија никој да не ги заштитува нивните права, да немаат синдикат во 21 век, а ние да ги молиме да раѓаат за да се справиме со белата чума, рече Силјановска.

Таа нагласи дека жените раѓаат таму каде што државата има разбирање за семејството и мајката, зборувајќи за правата на работничките-мајки.

Срамота е во Уставот да пишува дека Македонија е социјална држава, дека децата и жените уживаат посебна заштита, дека имаат заштита при работа, а овде при Министерство за сицијална работа и труд никој да не реагира. И тоа жена е министерка. Партијата им е поважна од народот ако како жена не ги заштити жените, рече Силјановска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.