Како што информираше директорот на „Државни патишта“ Китанов, Градежниот факултет од Скопје доставил 16 ревизии на дополнителните проекти на автопатот Кичево-Охрид без кои не беше возможно да се работи на делови од постојниот проект.

На терен, како што вели, на автопатотот се работи со многу голем интензитет и веќе се асфалтирани шест седум километри од автопатот и се планира напролет да бидат готови.

– Од Градежниот факултет вчера пристигнаа 16 ревизии на дополнителните проекти, а  петходно беа доставени уште четири.  Со тоа веќе ќе се отвори широк фронт  да се работи на постоечкиот дел, но и на сите дополнителни работи бидејќи без нив не е возможно да се работи на постојниот проект. Како што сум информиран, веќе шест-седум километри на делот од Струга према Охрид се асфалтирани и сообраќајот треба да се пренасочи на новата траса за да се направи асфталтен дел на старата траса. Сакаме напролет да имаме готови седум километри, како што и друг пат сме спомнале, да не чекаме 2021 да се пушти целиот автопат, туку како што ќе бидат готови пет, седум, десет, веднаш да се пуштаат, изјави Китанов, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Првиот конгрес за патишта.

За автопатот ќе се обезбедат и дополнителни 179 милиони долари, за што е во собраниска процедура закон за заем од кинеската Ексим банка. Вкупната вредност на овој проект изнесува 684,7 милиони долари.  Потребата за обезбедување на дополнителни 179 милиони долари, според Владата, произлегува од непредвидени и дополнителни работи за тунелот Пресека, за широк ископ и санација на свлечишта, непредвидени и дополнителни работи за изградба на осум денивелирани патни јазли: клучки и еден алтернативен пат од Врбјани до патен јазол Арбиново. Заемот за кој ќе се склучи договор со кинеската Ексим банка е со рок на отплата од 20 години, грејс период од пет години и фиксна каматна стапка од два проценти на годишно ниво.

За еден месец, според директорот на ЈПДП, треба да биде готов проектот за делницата Кичево – Букојчани, прва од предвидените три на автопатот Гостивар – Кичево.   – За тој дел веќе имаме грант од ЕБРД  во износ од околу 17 милиони евра и три милиони евра има плус за проектирање на останатиот дел, а во меѓувреме Владата си преговара со ЕБРД за останатиот дел од кредитот, информира Китанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.