Во банкарството одамна сме научени сопствениците на пропаднати фирми, како Златко Тодоров од Кубус, а сега и Трифун Костовски од Еуростандард банка, за своите слабости, лошо и незаконско работење да ги обвинуваат банките, реагира Комерцијална банка откако мнозинскиот сопственик на Еуростандард банка, Трифун Костовски на прес – конференција го обелодени извештајот за пропаѓањето на банката и обвини дека во Македонија функционира шема меѓу банките за незаконско финансирање на чело со Комерцијална банка.

Според нив, од долгонајавуваната кампања единственото „ново“ било повторното презентирање на наводниот „случај Кубус“ и наводна вмешаност на повеќе банки, меѓу кои и Комерцијална банка, во некаква си шема за незаконско финансирање.

-А, самите тие потврдија дека „случајот Кубус“ е процесуиран во Обвинителството (но, и со контроли на НБМ) и притоа не се утврдени неправилности и незаконитости во работењето на Комерцијална банка. Или пак за правда и законитост може да зборуваме само ако се според мислењето и волјата на Тасева и Костовски, велат од Комерцијална.

Тие тврдат дека експертите кои ги ангажирал Костовски не побарале никаква документација или состанок за да ги презентираат своите „наоди“ и да ги слушнат аргументите на банките.

-Тие само се повеле од укажувањата на сопствениците на пропаднатите фирми и на Еуростандард банка, а кои пак признаа дека ги плаќаат „експертите“ од имот кој не им бил замрзнат, за сега да бидеме наивни и да треба да веруваме во независно мислење.

Впрочем како што е наведено и во Правните напомени содржани во самиот извештај на „меѓународните експерти“, нивниот извештај „се заснова на информациите, документите и помошта обезбедена исклучиво од страна на клиентот“ и „не може да се гарантира дека тие информации се точни“, како и дека „компанијата Р.У.Р. ДОО нема да се смета за одговорна за какви било грешки, пропусти, недостатоци или погрешни толкувања на информациите или каква било загуба или штета“, додаваат од банката.

За нив овие експерти не се релевантни, а Комерцијална редовно ја контролирале меѓународни ревизорски куќи со увид во документацијата и НБМ со своите годишни и други ревизии и тие не утврдиле никакви неправилности и незаконитости во работењето на банката.

За стечајот на Еуростандард, според Комерцијална банка единствени виновници се одговорните лица во Надзорниот одбор, Управниот одбор и лицата со кредитни овластувања, кои со погрешни кредитни одлуки ја довеле банката во стечај.

-А, според член 181 од Законот за банките, „тој што со своето работење ќе ги прекрши одредбите на овој закон, со што ќе придонесе за отворање стечајна постапка кај банка и ќе предизвика штета за доверителите на банката, ќе се казни со затвор од три до десет години“, додаваат од банката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.