Согласно со Одлуката на Владата за ослободување од плаќање патарина за возила на српски туристи за време на летната сезона, М-Смарт картичките во предвидената количина од 200.000 парчиња веќе се изработуваат сукцесивно, според утврден акциски план, вели во интервју за МИА директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, во пресрет на спатувањето во сила на владината одлука предвидена за 15-ти месецов, донесена во знак на благодарност за вакцините што ги донираше Србија за државава.

Јавното претпријатие за државни патишта, посочува Рустеми, е подготвено во секој поглед, организациски и логистички да одговори на зголеменото движење и транзитирањето на сите учесници во сообраќајот домашни и странски возила кои ќе поминуваат на наплатните станици.

На сите кабини на наплатните станици од Коридор 10, има читачи на електронски М-Смарт картички, видно обележани со портокалова рамка и доволно е само да се доближи картичката за да се изврши отчитување и со тоа и да се наплати патарина со одземање средства од картичката. Сумата која е ставена како припејд кредит е пресметана сума за патарина за 1Б категорија (патнички возила) за наплатните станици од Куманово (Романовце) до Гевгелија во висина од 760 денари, надомест за патарина во двата правци. Но, со оглед на тоа дека електронската картичка М-Смарт Кард чини 100 денари, вкупната сума за изработка на картичка чини 860 денари. Веќе изработените М-Смарт картички ЈПДП ќе ги предаде на Министерството за внатрешни работи кои потоа ќе ги распредели на возила со српски туристи кои ќе поминат на ГП Табановце, вели Рустеми.

Нашата детална анализа, наведува, покажа дека употребата на М-Смарт картички е најефикасен начин да се одговори на Одлуката за ослободување од плаќање патарина за возилата на српските туристи. Имено, предноста на смарт картичките е таа што им се овозможува на корисниците на патот брзо и непречено поминување на Наплатните Станици од Коридор 10, без чекање, со што ќе им се олесни самото патување.

Во однос на тврдењата дека поефикасно ќе било одлуката да се спроведе така што само ќе се кренат рампите на патарините Рустеми укажува дека со тоа само ќе се создаде дополнителна гужва и нервоза на наплатните станици. Ќе се прави, појаснува, огромен притисок на нашите вработени, затоа што секое возило што поминува на наплатна станица ќе треба да се евидентира и тоа ќе резултира со создавање на гужви (колони). Многу важен момент е како што реков и контролата, затоа што со М-Смарт картичките ќе се има точна бројка на поминати возила, а само со кревање на рампа тоа би било значително отежнато. Со М-Смарт картичките се минимизира човечкиот фактор, а се зголемува ефикасноста, како и почитувањето на законот.

За жал, поради целата ситуација со пандемијата на Ковид 19 поради која доцни проектот на имплементација на Електронската наплата на патарина на наплатните станици од Коридорот 8, М-СМарт картичките не можат да се употребат на патниот правец кон Охрид. Сепак, ако не на сите, постои можност со картичките да се помине на две наплатни станици, Романовци и Миладиновци, со што сепак се намалуваат трошоците за патарина за српските туристи, посочува Рустеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.