Еден од најпознатите туроператори со филијали и подружници низ целиот свет, британски „Томас Кук“ неодамна прогласи банкрот. Најпогодена земја од регионот е Грција, каде според проценките на грчката конфедерација за туризам, штетите за туристичките бизниси се очекува да бидат меѓу 250 и 500 милиони евра. Како што вели претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, пак, Крсте Блажевски за „Гласот на Америка“, според првичните проценки, долгот на компанијата кон хотелите на охридската ривиера е околу 100.000 евра.

Што ќе се случува понатаму, не знаеме. Имаме испратено пораки по електронска пошта, но очигледно се е без одговор сега за сега. Дали таа фирма ќе се реконструира или ќе почне одново, дали некој ќе ги преземе тие долгови или не, ќе покаже времето, вели Блажевски.

Туристичките работници не веруваат дека ова ќе се одрази негативно врз туризмот во Охрид.

На македонскиот пазар се од 2016 година и преку нив во земјава престојувале околу 10.000 туристи. Летаа еднаш до двапати неделно до Охрид од јуни до септември. Според податоците на Министерството за економија, „Томас Кук“ носеле најмногу туристи од Белгија за време на оваа туристичка сезона.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.