Во Еуростандард банка ниту некој ја гледал тековната задолженост на фирмите кредитобаратели, ниту биле значајни финансиските извештаи од фирмите за последните три години, ниту се правела кредитна анализа, ниту пак се водело сметка за управување со кредитниот ризик. Формално постоеле и кредитна политика, и пропишани процедури, и одлука за управување со кредитен ризик како и критериуми и правила за одобрување на кредити. Меѓутоа, раководните лица на банката се однесувале како да не постојат сите овие документи, правила и процедури на банкарско работење, додека депозитната база ја делеле каде стигнале и како се договориле за поделба на нашите доверени лични парични средства.

Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, „Јанев трејд-мар“ дооел увоз-извоз е фирма со седиште во Струмица, која е само една од таквите многубројни примери со огромна тековна задолженост, со долг према Еуростандард банка од 625 илјади евра и никогаш не вратен. За овој кредит фирмата не платила ниту една рата 438 дена пред затворањето на банката минатата година, а го обезбедила кредитот само со обична меница. Не платила ниту еден денар од 2019 година.

Податоците за фирмата говорат дека таа е основана во јули 2013 година, со непаричен влог од 5 илјади евра. Сопственик и управител на фирмата е Ѓорге Јанев. Основна дејност на фирмата е трговија со пијалоци на големо.

Билансите покажуваат дека оваа фирма била презадолжена со години. Во 2019 година фирмата имала долгови од околу 750 илјади евра додека капиталот и резервите на фирмата биле 24 илјади евра. Односно, долговите на фирмата биле околу 30 пати поголеми од нејзиниот акумулиран капитал. Задолженоста на фирмата била 97 отсто, што ја прави истата презадолжена, нестабилна и високоризична за соработка. Фирмата тековно должи и над 8 илјади евра во Управата за јавни приходи. На основа на кои критериуми, кредитна анализа и финансиски показатели е одобрен овој кредит од менаџментот на банката? Фирмата ниту имала капацитет ниту била бонитетна да земе кредит, а го добила со обезбедување само со обична меница. Не плаќала рати со години и никој не направил ништо околу тоа. Очигледно, менаџментот на банката не бил заинтересиран за наплата на кредитот. Веројатно е така поради тоа што парите биле дадени на вересија додека дел од нив бил поделен со оние кои ги одобриле ненаплатливите кредити, пишуваат оштетените штедачи на Еуростандард банка во денешното соопштение до јавноста.

Како тоа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска не го видела ниту овој високоризичен ненаплатлив кредит, еден од многуте од ваков вид во ограбената банка? Кога гувернерката Бежоска ќе одговара за соучеството во грабежот на нашите депозити? До сега не добивме одговор на многу наши суштински прашања од оваа личност поставена на високо одговорна државна функција, велат штедачите на пропаднатата банка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.