Додека Судскиот совет одлучува по отворениот предмет за неодамнешната експресна  одлука на Апелациониот Суд, да продолжиме со објавите за Криминалот во Еусростандард банка.

Што може да се каже за организираниот криминал во Еуростандард банка? Раководството на банката крадело на секаков начин, додека таквиот грабеж бил прифатен и одобрен од највисоките структури на Народна банка. И така со години. Во изминатиот период објавивме за повеќе начини и форми на грабеж во банката претставени преку конкретни фирми должници со спорни и сомнителни кредити чии сопственици се несомнено соучесници во кражбата на депозитите. Но, секогаш има нови форми и специфичности кои само ја прошируваат и продлабочуваат сликата на криминалот во банката. Еве уште еден таков пример.

Фирмата за производство, трговија и услуги Герат ДООЕЛ Скопје, со седиште во општина Гази Баба, и нејзиниот сопственик и управител Дино Дуспара се дел од организираниот криминал на Еуростандард банка. Во извештајот на стечајниот управник за банката, оваа фирма има долг од 306 илјади евра и нема платено рата цели 773 дена пред затворање на банката или од јуни 2018 година. За обезбедување на кредитот се води единствено обична меница. За оваа фирма се води и 52,10 отсто издвоена парична резерва или во категорија на ризик „Г“.

Денес фирмата е правно и деловно неактивна. Последниот објавен бонитетен извештај за оваа фирма е од 2014 година. Фирмата е избришана од Централен регистар на 26 февруари 2020 година на основа на неподнесена годишна сметка за 2017 година согласно член 552-а и 552-б од Законот за трговските друштва. Се поставува прашање, како тоа раководството на Еуростандард банка дозволило да се избрише оваа фирма без да се регулира долгот повеќе од две години ниту пак банката да одвои 100 отсто парична резерва. Според сите индикатори, оваа фирма требала да биде регистрирана во најлошата категорија на ризик „Д“, односно да има издвоена парична резерва во висина на целиот долг. Фирмата добила кредит со обична меница, нема никакво обезбедување, сега веќе избришана. Наши пари дадени на вересија со цел да не се вратат.

За грабежот во којшто учествувало високото раководство на Еуростандард банка предводено од претседателите на управниот, кредитниот и надзорниот одбор е повеќе од јасно и очекуваме нивна кривична одговорност. Но, што правеле гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на секторот за супервизија Викторија Глигорова!? Како тоа не ја виделе лажната резервација на фирмата должник Герат која веќе била неактивна и во постапка на бришење? Дали тие воопшто правеле контроли во банката и што гледале? Зошто дозволиле да се краде масовно и со години?

Кога ќе има одговорност и за раководството на Народна банка? Дали ваквиот штетен однос на тоа исто раководство продолжува и ден денес во банкарскиот сектор? Дали гувернерката Бежоска повторно ќе не лаже дека депозитите ни се безбедни како што тоа го направи јавно непосредно пред да ја затвори Еуростандард банка?

Грабежот во Еуростандард банка изобилува со вакви и слични криминални случаи. Доказите се видливи, ги објавуваме, а истите ги поседуваат и финансиската полиција и основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Зошто се молчи? До кога?


Оштетени штедачи на Еуростандард банка

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.