Еуростандард банка ќе оди во стечај, но 99,4 отсто од депонентите во банката ќе бидат обесштетени за целиот износ што го имале во банката.

Како што објасни гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Еуростандард банка ѝ е укината дозволата за работа и утре ќе биде побарано од надлежниот суд да биде отворен стечај.

Фондот за осигурување депозити обесштетува до 30.000 евра, а такви се депозитите на околу 136 илјади граѓани во Еуростандард банка. 780 депоненти нема да бидат во целост обесштетени. Вкупно депозитите на физички лица во Еуростандард банка изнесуваат 4,4 милијарди денари – изјави Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката појасни дека во однос на граѓаните кои имаат кредити во банката тоа не е во надлежност на НБРМ, туку на стечајниот управник, кој ќе биде назначен. Ангеловск-Божоска истакна дека очекува оти тој ќе води сметка и ќе им излезе во пресрет на граѓаните кои имаат обврска кон банките.

Гувернерката соопшти дека направиле исклучителни напори да не дојде до затворање на банката, но не успеале да ја стабилизираат. Ангеловска-Бежоска објасни дека банката имала кредитни загуби кои требало да се надоместат со поголеми вложувања, но тие не се реализирале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.