Запрепастувачки е колку лесно се одобрувале неповратни кредити на избрани фирми од Еуростандард банка додека за тоа гувернерката Анита Ангеловска Бежоска знаела и молчела. Тие повторно го посочувааат прстот во Трифун и Коста Костовски и Николче Петковски.

Оштетените штедачи од Еуростандард банка во соопштение до јавноста пишуваат дека според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски  Југотрејдинг ДН дооел е фирма од Струмица која добила кредит од 1.260.000 евра од Еуростандард банка и не платила ниту една рата 363 дена или една година пред да се затвори банката. Како обезбедување на замениот кредит се води хипотека на станбен простор и залог на опрема со проценета вредност од 230.000 евра, што е пет и пол пати помалку од земениот кредит. Или со други зборови, доколку проценетата вредност на обезбедувањето е вистинита и може да се наплати при активирање на хипотеката, ние депонентите ќе бидеме ограбени за околу еден милион евра само од овој високоризичен кредит.

Југотрејдинг ДН дооел е основана во мај 2016 година, со непаричен влог од 5.000 евра. Таа има седум вработени и е депонент на Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Борка Делева. Основна дејност на фирмата е преработка и конзервирање на овошје и зеленчук.

Од увидот во билансите на фирмата, податоците се многу загрижувачки. Откако е основана, фирмата постојано била презадолжена, за да во 2019 година, тогаш кога е одобрен и доделен кредитот, оваа фирма имала долгови од 3.400.000 евра, додека капиталот бил негативен во износ од околу 220.000 евра, односно степенот на задолженост бил 107 отсто. Последните години фирмата имала загуби. Воедно, оваа фирма има и тековен долг за неплатени даноци и продонеси од 305.000 евра према Управата за јавни приходи. Сумарно, фирмата ниту можела ниту може да го враќа доделениот милионски кредит, откриваат оштетените штедачи.

Нејасно е на основа на која кредитна политика, критериуми и процедури се доделил овој милионски кредит во евра на презадолжена, нестабилна и високоризична фирма за соработка.

Дали некоја од нашите надлежни институции и истражни органи ја прашале сопственичката на фирмата Борка Делева со кого се поделиле и каде завршиле нашите лични доверени пари во контролирана банка? Што направила гувернерката Бежоска да го спречи и запре овој организиран криминал, еден од стотиците во Еуростандард банка? Како тоа се одобрил кредит од менаџметот на Еуростандард банка со пет и пол пати помала хипотека, не платена ниту една рата, ниту еден денар цела една година, а никој да не видел, не слушнал и да не одговара за овој грабеж, прашуваат оштетените штедчи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.