Ако сакате да ја поттикнете економската активност мора да ја стимулирате потрошувачка, тоа е еден од основните постулати за справување со секоја криза, порача вечерва поранешниот советник во Министерствтото за финасии, Бранимир Јовановиќ.

– Ако кратите плати на јавната администрација вие практично правите тие помалку да трошат и вештачки си креирате или ја продлабочувате економската криза затоа што тие помалку ќе  трошат. Економската активност поради тоа и ќе се забавува, рече Јовановиќ гостувајќи во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Тој нагласи дека ниту еден економист не ја поддржува мерката за кратење на платите во администрацијата поради актуелната состојба предизвикана од коронавирусот, потенцирајќи дека станува збор за околу 100 илјади лица, односно 100 илјади семејства што ќе бидат погодени од оваа мерка, со што практично средната класа се сведува на сиромаштија.

– Искрено не слушнав економист што ја поддржа оваа мерка. Читав периодов интервјуа, изјави од неколку економисти и Ванчо Узунов, и Петар Гошев и Абдулменаф Беџети, сите тие беа против таа мерка. Зошто? Затоа што е многу јасно. Не можете да зборувате за солидарност односно во име на солидарност да кратите плати на оние коишто заработуваат по 400 евра плата, а да ги оставате оние коишто имаат плати од неколку десетици илјади евра, смета Јовановиќ.

Според него, највисоката плата во државава е 250 илјади месечно,а има и 250 лица кои земаат плата над 10.000 евра.

– За каква солидарност зборуваме ако на нив ништо не им правите, а им кратите плата на оние коишто имаат 400 евра. Имате фирми во оваа држава што имаат добивка од стотици милиони евра, на нив ништо не им правите. Имате околу 200 фирми во државава коишто имаат нето добивки, значи после даноци од преку еден милион евра и на нив ништо не им правите, дури некои од нив и профитираат и во оваа криза и на нив ништо не им правите, а им земате пари на работниците. Значи, толку за солидарноста и праведноста, потенцира Јовановиќ.

Министерката за финансии, посочи тој, кажува дека ќе се обезбедат 600 милиони евра задолжување од надвор, а сега со ваква мерка се обезбедуваат дополнителни 30-40 милиони евра.

– Викате дека тоа мора да се обезбеди. Ситница е тоа, 30-40 милиони евра нема ништо да направат во оваа криза. Затоа, смешно е да се каже дека е неопходно да се кратат платите на администрацијата, потенцира Јовановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.