Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, вечерва во „Што не е јасно„ во Алфа телевизија, истакна дека властите во Штип дозволиле да им се исплати плата на вработени во нето износ од само два денари.

-Градот Штип е многу погоден од коронакризата, токму Баргала е една од фабриките каде не се плаќаа плати на вработени. Пред неколку месеци имавме еден пример, лично премиерот го запрашав во една прилика на негово гостување во Штип, како е можно да се исплати плата на вработени во нето износ од два денари само ? – вели Јорданов.

Јорданов праша како е можно да помине во УЈП декларација на плата во нето износ од два денари и притоа никој да не го санкционира тоа однесување, институциите да затајат и никој да не одговори на тоа како е дозволено да се заобиколат законите во Македонија.

-Дали тука е во прашање влијанието на градоначалникот во Штип кој пак е во роднинска врска со управителот на АД Баргала? – праша Јорданов.

Јорданов посочи дека им нуди на тие граѓани и правна помош за да се докажат на суд ваквите неправди врз вработени и тоа во сред економска криза, но и предложи да се изолира претпоставеното влијание на градоначалникот на Штип, затоа што барањето за стечајна постапка во Баргала мора да заврши, како и да се обештетат овие луѓе кои со месеци немаат земено плата.

-Очигледно влијанието е пресудно за да не се започне со постапката за стечај и имотот да се распредели на вработените за да бидат обесштетени, посочи пратеникот Јорданов.

Тој вели дека тоа може да се случи само со промена на власта и со едно нормално функционирање на институциите без притисоци, а привлекувањето на домашни и странски инвестиции во Штип е нужно за да се зголеми побарувачката на пазарот на трудот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.