Во првите четири месеци од годинава извозот од Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) достигна 1.1 милијарда евра и е највисок споредено со истиот период во изминативе четири години, покажува денеска објавената редовна месечна анализа на Дирекцијата на ТИРЗ. Само во однос на 2021 растот е за четири проценти, во однос на пандемиската 2020 за 74 проценти, додека споредено со истиот период во 2019 и 2018 година извозот е зголемен за 19 проценти односно за 51 процент.

Од ДТИРЗ посочуваат дека извозот само во април е приближно на исто ниво како во март, додека увозот е зголемен за пет проценти споредено со претходниот месец годинава. Вкупниот увоз во првите четири месеци од годинава достигна речиси милијарда евра што е за 75 проценти повеќе од 2020 година, односно за 13 проценти повеќе од 2019 и 55 проценти повеќе од 2018. Анализата во април покажува и зголемен увоз од речиси два процента наспроти извозот што се должи на складирање залихи кај компаниите. Вкупниот нето извоз заклучно со април е над 10 проценти.

Според анализата, околу 70 проценти од компаниите имаат пораст во извозот во април годинава однос на април 2021. Раст од речиси четири проценти има и кај бројот на вработени во април годинава споредено со истиот период лани. Во зоните во моментов работат над 14 500 лица.

Исто така првичната годишна анализа за 2021 година покажа дека просечната плата во технолошко – индустриските развојни зони за првпат е над државниот просек и тоа за три проценти, што се должи и на зголемениот број на вработени кој во 2021 година е за пет проценти повисок од 2020. Се очекува ваквиот тренд да продолжи и годинава со реализација на новите странски инвестиции во зоните, велат од Дирекцијата на ТИРЗ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.