Измамата со лажна наградна игра преку која се крадат лични податоци и пари од сметките на граѓаните, зема замав. Оштетени граѓани се жалат дека биле измамени преку порака во која им се ветува нов мобилен телефон, само за 62 денари. Логото е од нивниот мобилен оператор, а откако ќе ја уплатат ситната сума, од трансакциската сметка дополнително им се повлекуваат пари.

Излегува како наградна игра, ако уплатиш 62 денари во наредните пет минути добиваш телефон. Јас ги уплатив тие пари, но ми излегоа некои како порно сајтови. Добро, си реков, шеесетина денари не е ништо страшно, но после тоа забележав дека од транскакциската сметка ми се повлечени уште 1700 денари. Кога отидов во банка ми кажаа дека сум склучила некој договор со нешто како траен налог и дека ако не ја блокирам сметката, ќе ми влече пари секој месец, вели Соња Чарапиќ, една од оштетените граѓани.

Освен, со злоупотреба на логото на мобилните оператори, се појавува и порака, која наводно е испратена од Македонски пошти. За ова, од таму велат, алармирале на својата веб-страница, уште пред два месеца.

АД „Македонска пошта“ Скопје ја известува јавноста дека во моментов не организира наградна игра преку SMS пораки, Интернет пребарувачи, facebook и други социјални мрежи и во блиска иднина нема да организира таква наградна игра.Со оглед на тоа што до нас се обратија голем број корисници, Ве известуваме дека се работи за манипулирање на јавноста преку лажна наградна игра, при што е злоупотребено името на компанијата, стои во соопштението на „Македонски пошти“

И мобилните оператори во земјава, Оне вип, Македонски Телеком и Телекабел се оградија и ги повикаа нивните корисници да не ги откриваат своите лични податоци. Од регулаторното тело, АЕК велат до нив пријава од граѓани не стасала, но тврдат во соработка со операторите, работат на откривање на измамниците. До МВР пак, никој не пријавил ништо, освен еден граѓанин, по чија пријава велат отвориле постапка, но во интерес на истрагата останаа скржави со детали. А додека не се открие кој стои зад измамата, граѓаните, што веќе споделиле податоци, единствено можат да се заштитат само ако ги блокираат своите трансакциски сметки.


Извор:ТВ 24

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.