Mинистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одговарајќи на прашање од пратеникот Миле Талевски од СДСМ на седница во Собранието, изјави дека веќе има избрано изведувач, односно преземена е трасата на првата делница (Градско-Дреново) од експресниот пат Прилеп – Градско од компанијата „Штрабаг“ и наесен се очекува влез на работите на оваа компанија.

На втората делница Дреново – Фариш веќе имаме избрано изведувач кој е воведен во работа и роковите за реализација на овој дел од делницата од експресниот пат веќе течат – информира Бочварски.

Тој додава дека се очекува во 2023 година да се комплетира експресниот пат од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш.

Ова е еден од најзначајните патни правци во државата, се работи за експресниот пат Градско – Дреново – Дреново – Фариш поделен на две делници. Во изминатиот период на оваа делница немаше изведувач, односно двата изведувачи кои беа на трасата, ја напуштија трасата. Државата ги презема со сите свои механизми одговорностите со цел да се изберат нови изведувачи и да продолжи најскоро што е можно работата на оваа многу специфична и тешка делница, секако важна за граѓаните на Прилеп, Прилепскиот регион, на Пелагонскиот регион, на Битола. Ова е едно од клучните прашања кое веќе е надминато – изјави Бочварски.

Тој информира дека паралелно со тоа,  е избран изведувач и за рехабилитација на целиот превој Плетвар, кој очекува наесен, после изборот на надзорен орган за таа делница, да стартува со работа.

Работиме и на решавање на институционалните прашања и пречки кои се јавија за експресниот пат од Прилеп до Ленишка река каде што очекувањата се дека наскоро ќе ги отстраниме сите овие прашања и предизвици и ќе влеземе во нова тендерска постапка и за овој пат – дополни Бочварски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.