Многу често работодавачите исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите неретко исплаќаат 1.000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор. Околу седум отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор.

Тоа го наведува Хелсиншкиот комитет за човекови права во правен осврт и мислење по однос на правото на регрес за годишен одмор (К-15) со цел потемелно да ги информира работниците околу остварувањето на ова право.

Како што информираат, работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата. Износот на регресот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата во држвава исплатена во последните три месеци. Во пракса тоа значи дека доколку еден работник, кој најмалку шест месеци во календарската година работел кај ист работодавач, во последните 3 месеци земал плата од 25.220 денари нето, има право на регрес на годишен одмор од најмалку 10.088 денари.

Хелсиншки укажува дека работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, согласно Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со претставник избран од работниците.

 Ваквата промена неретко доведува до злоупотреба и изигрување на овој став од член 35 од Колективниот договор од страна на работодавачите. Ова е последица на правната недореченост на измените и дополнувањата на Колективниот договор во насока на непостоење на јасни критериуми околу тоа како се утврдува дали навистина постоеле објективни потешкотии при работењето и соодветна проценка на големината на проблемите. Измените и дополнувањата не ги пропишуваат ниту критериумите за ценење на економско-финансиската состојба на работодавачот ниту пак предвидуваат кој треба да ја спроведе ваквата постапка, информира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тоа, како што дополнува, резултира со правна несигурност на работниците и неможност на Државниот инспекторат за труд да утврди прекршување на работничките права од колективен договор, заради недостаток на прецизни критериуми и постапки за утврдување на потешкотиите во работењето на работодавачот. Таквата ситуација овозможува за работодавачот да е доволно едноставно да приложи завршна сметка во која ќе покаже помал профит во календарската година, во споредба со претходната, за да докаже дека имал потешкотии во работењето и да исплати помал регрес за годишен одмор од предвидениот минимум од 40 отсто од основицата.

 Како резултат на ова, многу често работодавачите исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите неретко исплаќаат 1.000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор. Околу 7 отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор, стои во правниот осврт.

Дополнителен проблем, наведуваат, е тоа што во случаи кога работодавачот има потешкотии во работењето, повторно нема јасни критериуми за намалувањето на износот на регрес за годишен одмор. Целосно е нејасно колку помал износ oд предвидениот минимум му е дозволено на работодавачот да исплати vis a vis потешкотиите во работењето. Тоа значи дека утврдувањето на ваквиот износ е дискреционо право на работодавачите или на државните инспектори за труд, во случаите во кои Инспекторатот ќе утврди дека работодавачот не исплатил регрес за годишен одмор или исплатил регрес помал од предвидениот.

 Оттука, поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, неопходно е воведување на јасни критериуми и постапки за утврдување дали, а доколку е тоа случај, во колкав обем, работодавачот навистина се соочува со финансиски потешкотии во работењето. Само на тој начин ќе се избегнат моменталните нормативни парадокси со кои е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски потешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица. Работниците во ваква ситуација немаат никаква заштита на која можат да се повикаат доколку не им е исплатен соодветен надоместок за регрес на годишен одмор, па така, надоврзувајќи се на погоре наведениот пример, работникот кој има право на К-15 од најмалку 10.088 денари, може на крајот да добие само 100 денари, велат од Хелсиншки.

Според нив, неизбежно Државниот инспекторат за труд да посвети должно внимание за да истражи како во секој поединечен случај се назначува претставникот и да процени дали фактите врз основа на кои била направена проценката го задоволуваат критериумот за финансиски потешкотии во работењето, стои во заклучокот од правниот осврт на Хелсишншкиот комитет.

На овој начин, дополнуваат оттаму, работодавачите во процесот на исплата на регрес за годишен одмор ќе можат доследно и целосно да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор и толкувањата на Комисијата за толкување на колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Со тоа, законодавецот ќе ги охрабри синдикалните организации да застанат на страна на заштита на работниците и ќе им овозможи будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарски фабрики каде има формирано синдикати.

 Конечно, со ова Државниот инспекторат за труд ќе може да врши засилен мониторинг во процесот на исплата на регрес за годишен одмор од страна на работодавачите и навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор за евентуални повреди и прекршувања на работничките права поврзани со исплата на регрес за годишен одмор. Само така ќе се прати порака на охрабрување до сите работнички и работници и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права, заклучува Хелсиншкиот комитет за човекови права

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.