Инвеститорите си бегаат од Република Македонија, а пример за тоа е изведувачот од шпанската компанија „Рубау“, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие се спакуваа, ја напуштија и ја тужат Македонија за десетици милиони евра оштета, велат од ДПМНЕ.

Oваа шпанска компанија во 2015 година го доби бизнисот за изградба на една од трите делници од експресниот пат Прилеп – Градско (Фариш-Дреново) во вредност од триесетина милиони евра, меѓутоа сега го раскина договорот со ЈП за државни патишта бидејќи не им била исплатена последната фактура.

Од друга страна, пак, ЈПДП ја активира банкарската гаранција од 7,7 милиони евра, откако компанијата не доставила програма за работа со каква динамика ќе ги изведува активностите и го напуштила градилиштето.

Досега, шпанската компанија реализирала само 35 отсто од делницата, а по раскинување на договорот бара оштета од 10 милиони евра, за што ќе се решава на арбитража во Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.