Претседателот на Владата, Зоран Заев оствари работна посета на РЕК Битола во рамки на која, заедно со директорот на АД ЕСМ, Драган Миновски и директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски направи обиколка на производствените капацитети и реализираше средба со Управниот и надзорниот одбор.

 

По убавата вест од РЕК Осломеј каде АД ЕСМ ќе гради фотоволтаична централа, денес доаѓа уште една прекрасна вест од Електрани на Северна Македонија, овојпат од РЕК Битола, најголемиот производител на електрична енергија во нашата држава.

На 29ти март распишан е тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола. Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, пари кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори, што дополнително не радува нас како Влада. Една од најзначајните компании во државна сопственост инвестира повеќе од 20 милиони евра кои сама ги заработила. Тоа значи дека во минатото останале времињата кога Државните електрани кубуреа со струја, увезуваа скапа струја и парите оделе во непотребни инвестиции. Сега ЕСМ е насочена кон произвдство на струја со која ги задоволуваат потребите на потрошувачите во земјата, а како што неодамна слушнавме, врши и продажба на вишоци, со што остварува добивка и за сопствениот и за државниот буџет.

Инвестицијата во реконструкција на системот на електростатските филтри на РЕК Битола е дотолку позначајна што е најголемата во областа заштита на животната средина во земјава или барем во компанија во државна сопственост. Заштитата на животната средина во минатото беше запоставена, а сега претставува еден од приоритетите на оваа Влада, изјави Заев.

Заев истакна дека во оваа насока, на почетокот на постапката за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола, се надоврзуваат и планираните тендери на Државните електрани за изградба на ветерен парк во Богданци – втора фаза и тендер за изградба на ветерен парк во Миравци, а наесен се очекува и почетокот на изградбата на топлификацијата кон Новаци, Могила и Битола. Сите овие проекти на АД ЕСМ ќе значат подобар живот за граѓаните во овој дел од државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.