Индустриското производство во септември годинава е намалено за 0,5 отсто во однос на истиот месец лани, а во првите девет месеци од годинава бележи раст од 0,9 отсто во споредба со истиот период од минатата година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2022 година, во однос на септември 2021 година, бележи опаѓање од 33,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пораст од 5,5, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите Производство на текстил, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, пак, производството бележи пораст кај Капитални производи за 49,9 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 25,4 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,8 отсто, додека опаѓање бележи кај Енергија за 5,2 процента и Интермедијарни производи, освен енергија за 24,7 проценти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.