Групацијата на забавни, рекреативни и едукативни дејности во рамки на Услужната комора при Сојуз на стопански комори на Македонија го поздрави носењето на протоколите за отворање и работа на игротеките кое значи и нивно повторно почнување со работа.

Според нив со целосно почитување на протоколите, игротеките се подготвени да овозможат безбеден и сигурен престој на децата.

Протоколите изготвени од Комисијата за заразни болести содржат над триесет мерки и активности со чие почитување и имплементирање во пракса треба да се спречи ширење за заразни заболувања. Од групацијата велат дека Вработените во игротеките, родителите и децата ќе ги почитуваат протоколите, просторите и предметите редовно ќе се дезинфицираат и проветруваат.

Групацијата на игротеки при ССК ги известува родителите и дечињата дека согласно протоколите подготвени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, а прифатени од Владата, по седум месечна пауза се овозможува игротеките да ги отворат своите врати за прослава на детските родендени. Конечно родендените ќе може да се слават во безбеден, сигурен и дезинфициран простор. Многу подобро за сите нас е дејноста да продолжи и да се одвива во чиста средина, во контролирани услови со почитување на протоколите и преземање на ригорозни мерките за заштита на личното како и на колективното здравје. Затоа повелете резервирајте термин во вашата омилена игротека, да продолжи детската радост за нивниот најважен ден – вели Трајко Николовски, претседател на Групацијата за забавни, рекреативни и едукативни дејности.

Игротеките и едукативните центри беа затворени со владина уредба пред седум месеци и се меѓу последните дејности за кои се дефинираат правилата за отворање и работа.

Во изминатиот период прославите на детски родендени се организираа, во небезбедни неконтролирани услови без работа на игротеките, што треба да биде надминато со носењето на протоколите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.